Спектакуларна победа на Вуков на Залужани, во последниот круг!

Македонскиот претставник стигна до втората победа на втората трка сезонава, во српското автомобилистичко првенство.

 
По освојувањето на пол позицијата на патеката крај Бања Лука, Рико имаше предност во текот на целата трка, во претпоследниот круг ја загуби првата позиција, но во последниот круг со маестрален маневар успеа да се врати таму каде што припаѓа.
 
„Знаев дека ќе биде екстремно тешко, напоменав уште пред стартот на сезоната дека ова ќе бидат тесни трки, нема опуштање до последниот свиок, конкуренцијата едноставно не ти дава да дишеш.
 
Најдов сила да се вратам во последниот круг, откако го загубив првото место. Им благодарам на сите од мојот тим што беа до меме и со мене, ова е посебна и емотивна победа за мене. Не застануваме тука.“ – рече Рико, по победата.
 
Македонецот ја помина целта пред Часлав Тошиќ, кој што имаше и најбрз круг, а трет заврши Душан Настасијевиќ.
 
Со овој доминантен почеток, Ристо Вуков е лидер во генералниот пласман со по две победи на две трки и во нашиот (Кичево 1 и 2) и во српскиот шампионат (Нови Сад, Бања Лука), кои што сезонава се отворени, а како што се одвиваат нештата, најверојатно на последните две трки во Белград и во Скопје ќе гледаме нови спектакли.